„Не знаеме кого Трендафилов чекал во празна сала, средбата помеѓу премиерот и претставниците на УПОЗ е закажана за во четврток“, велат од Владата

Владата денеска реагираше на јавните настапи и изјави на Трендафилов, оценувајќи дека со нив се прави обид да се создаде лажна слика за состојбата со социјалниот дијалог во државата.

Од Владата посочуваат дека не им е јасно кого чекал Трендафилов во празна сала, нагласувајќи дека за извршната власт социјалниот дијалог претставува сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и појавување пред камери. Во таа насока, информираат дека средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претставници на синдикатот УПОЗ е веќе закажана и ќе се одржи во четврток во 16:45 часот, во просториите на Владата.

Според Владата, овој состанок е конкретен доказ дека не се бега од дијалог, туку дека се инсистира тој да биде сериозен, суштински и насочен кон постигнување резултати. Како што се наведува во соопштението, социјалниот дијалог треба да се води таму каде што му е местото – во институциите, со јасен план и искрена намера за изнаоѓање решенија.

Од Владата оценуваат дека обидите дијалогот да се претвори во лажни наративи и самоволни јавни појавувања се неодговорни и штетни за интересите на работниците, во чие име, како што велат, наводно се настапува.

На крајот, Владата порачува дека останува цврсто посветена на конструктивен социјален дијалог, но дека нема да дозволи истиот да биде злоупотребуван за дневнополитички калкулации.