Македонија

„Нека ти е светол патот во царството Небесно Легендо!“: Емотивна порака од Владо Дојчиноски за Гоце Тодоровски

„Нека ти е светол патот во царството Небесно Легендо!“: Емотивна порака од Владо Дојчиноски за Гоце Тодоровски

Со емотивна порака, актерот Владо Дојчиноски се прости од легендарниот македонски актер Гоце Тодоровски, потсетувајќи на нивната долгогодишна соработка, пријателство и заедничките проекти.

Дојчиноски на социјалните мрежи напиша дека со Тодоровски го поврзувале 20 години заедничка работа, откако ја снимиле нивната прва приказна заедно.

„Бог да те прости Гоце, ѕвездо, пријателе, учителе, колега. Точно пред 20 години ја снимивме првата приказна заедно. Тогаш ме прифативте во екипата како секогаш да сум бил дел од вас“, напиша Дојчиноски.

Тој се присети дека Тодоровски, кој за многумина бил актерска легенда и пример, од свој идол станал негов колега и близок пријател.

„До тогаш ми беше само сон, ѕвезда која ја обожавав, а од тогаш станавме и колеги и пријатели“, додава Дојчиноски.

Во посветата тој откри дека нивната соработка продолжила без прекин две децении, а оваа година ја снимиле и последната приказна заедно, која Гоце Тодоровски не успеал да ја види.

„Оваа година ја снимивме последната приказна, не успеа да ја видиш. Остана со желбата, кога до последно ми се јавуваше: ‘Ајде кога ќе продолжиме да снимаме’, ‘Јас и ти мора да направиме дуодрама’“, напиша актерот.

Дојчиноски му посака вечен мир на својот колега, пријател и учител, нагласувајќи дека неговото творештво ќе остане траен дел од македонската култура.

„Ти си ѕвездата на македонскиот народ и со тоа што ни го остави вечно ќе сјаеш над македонскиот народ“, порача тој. 

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни