Денеска сме подобро од вчера, но очекувам утре да бидеме подобро од денеска. Ова го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред претставниците на Албанија, Македонија Kосово по повод празникот 28 ноември. Има многу луѓе кои му посакуваат неуспех на Преспанскиот Договор, рече Ахмети, но неуспехот на овој Договор би значел пораз на мирот во регионот.
„Ние денеска сме во една ситуација каде треба да работиме уште повеќе, особено на прагот на 100 годишнината од завршувањето или не-завршувањето на Првата Светска Војна бидејќи процесите се уште не се целосно завршени. Ние тука треба да го затвориме Преспанскиот Договор, што е големо прашање кое нема само регионални туку и европски димензии.“, изјави Ахмети.
Регионот не може да најде мир без да се реши прашањето меѓу Косово и Србија, затоа, според Ахмети овој проблем треба да се реши што поскоро. Инаку, неговиот сопартиец, Талат Џафери рече дека историјата направила Албанците да живеат во повеќе области, меѓутоа соработувале со сите со цел да ја стасаат Европа.
„Но, пред сè, нашата заложба за постигнување на нашата народна, колективна цел; и за историската судбина која не подели, за да ја делиме оваа земја со другите, не сме малодушни за да дејствуваме заедно и да ги одредиме заедно напите определби, за да бидеме обединети во демократска Европа со европски вредности“, рече Џафери.
Министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај порача дека живееме во векот на Албанците.
„21 век е на Албанците. Никогаш не сме биле посилни политички, економски но не очекуваат нови задачи, треба да бидеме подготвени да бидеме конкурентни со другите во знаење, економија, квалитет на живот, и ова е задача за политичката елита секаде, во Скопје, Приштина и Тирана“, изјави Хоџај.
106-годишнината од независноста на Албанија, оваа година се совпаѓа и со 110-годишнината од Битолскиот конгрес и 550-годишнината од смртта на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти, во чија чест 2018 година беше прогласена за година на Скендербег.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
