Нема да си одам и 24 часа ќе седам тука се додека не кажете под кои услови и со која цена сакате да биде набавката на автобусите, им се обрати градоначалничката Арсовска на советниците од мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ кои рекоа дека нема да го поддржат барањето за набавка на нови еко автобуси.
Арсовска ги повика советниците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за нови автобуси онака како што и ги повика премиерот Мицкоски да постапат. Во спротивно ќе се знае поради кого граѓаните ќе чекаат автобуси со часови кои се стари и во голем дел расипани, рече таа.
„Јас денеска од оваа говорница нема да се тргнам додека не кажете конкретно како сакате да изгледа оваа одлука, ќе прифатам секаков амандман во иста секунда кога ќе ми го дадете. Ако сакате средства од буџетот, а не сакате финансирање од страна на комерцијалните банки подготвени сме во истата минута да направиме одлука за измена на буџетот и да ја изгласаме денеска заедно со оваа одлука. Имате мнозинство очигледно е тоа и денеска јас би сакала да покажете пред граѓаните, затоа што убаво ве замоли вашиот претседател на партијата денеска да гласате“, рече Арсовска/
За набавка на автобуси гласаа 20 советници од другите партии, петмина беа воздржани, додека голем дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа, со што тоа не беше доволно да се изгласа предлогот. Претседателот на Советот Трајко Славевски кој гласаше воздржано рече дека сметка дека буџетот за 2024 нема пари за оваа намена, а не се знае каков ќе биде буџетот за идната година.
„Ниту во буџетот на Град Скопје за оригиналниот 2024 година, ниту со ребалансот не се определени средства буџетски за набавка на еко автобуси. Ваква предлог одлука би имала смисла откако ќе го изгласаме буџетот за 2025 година во кој што ќе има стриктно определена ставка и сума за набавка на автобуси. Затоа што како може сега да носиме предлог одлука за набавка на автобуси а нема средства за тоа“, рече Славевски/
Советниците од СДСМ го повикаа мнозинството да го исполни она што го ветило на изборите е да гласа за нови автобуси и бесплатен јавен превоз.
„Сакам да кажам и да ги мотивирам мнозинството кое што денеска кажа дека има мнозинство во Советот на Град Скопје да ја спроведе и оваа одлука но и да спроведат понатаму и бесплатен јавен превоз заради тоа што тоа беа првичните ветувања од страна на мнозинството од страна на победниците на локалните избори за набавка на нови автобуси и бесплатен јавен превоз“, рече Горан Шутаров од СДСМ.
Пред една недела на координација со претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски и советниците од другите партии заедно со градоначалничката Данела Арсовска беше постигна договор ВМРО-ДПМНЕ да ги гласа програмите предложени од Арсовска за да се решат проблемите во градот Скопје. За ова и самиот премиер Христијан Мицкоски ги повика советниците да дадат поддршка за набавка на автобуси и вработување на 120 работници во Комунална хигиена.

