Неочекувана стагнација: Настаните во Германија и Франција ги исплашија компаниите

Економијата на еврозоната неочекувано стагнираше во четвртиот квартал од 2024 година, бидејќи колапсот на владите во нејзините две најголеми економии, Германија и Франција, ја намали довербата на бизнисот и потрошувачите.

Бруто домашниот производ на еврозоната во четвртиот квартал од минатата година остана непроменет во однос на претходните три месеци, објави денеска Евростат, додека аналитичарите очекуваа квартален раст од 0,1 отсто, пренесува Блумберг.

Економијата падна на квартално ниво за 0,2 отсто во Германија и за 0,1 отсто во Франција, се додава во извештајот на Евростат.

Во текот на целата 2024 година, БДП на еврозоната порасна за 0,7 отсто.

Засега, еврозоната неуспешно се обидува да го рестартира растот бидејќи економската слабост во Германија негативно влијае на целата еврозона, а расположението дополнително се влошува со можното воведување на американски увозни царини што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп.

Се очекува Европската централна банка денеска да ја намали каматната стапка на депозитите за 25 базични поени на 2,75 отсто и со тоа да ја поттикне економијата, но и креаторите на монетарната политика во Франкфурт мора да бидат свесни за опасноста од повторно раст на инфлацијата.

Во просек, инвеститорите предвидуваат дека Европската централна банка ќе ги намали каматните стапки за 94 базични поени до крајот на 2025 година, што подразбира три намалувања од по 25 базични поени и речиси 80 отсто веројатност за четврто намалување.

По објавувањето на резултатите еврото падна за 0,2 отсто на приближно 1,04 долари, што е неговата најниска вредност денес.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното