Македонија

Непознати сторители со моторно масло ги уништија реквизитите на детско игралиште во Кисела Вода

Непознати сторители со моторно масло ги уништија реквизитите на детско игралиште во Кисела Вода

Непознати лица синоќа истуриле моторно масло врз сите реквизити и клупи на детско игралиште на улицата „Ѓорѓи Сугаре“ во општина Кисела Вода, во близина на основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“, објавија згрозени жители на социјалните мрежи.

Според фотографиите споделени од граѓани, маслото е разлеано по лизгалките, клацкалките и клупите, што ги прави опасни за употреба и претставува сериозен ризик за децата и загадување на околината. Родители и жители побараа итно чистење на теренот и пронаоѓање на сторителите.

„Вака јавно да го прашам тој што ги поли со масло детските реквизити во паркчето каде што децата се радуваат од најмали до најголеми: дали сега помирно ќе спиеш, дали совеста ќе те копка? Не е до државата, не е до општината, до нас е. Лизгалките се наоѓаат на улица ‘Ѓорѓи Сугаре’, веднаш до зградата на Дабар. Се надевам дека некој ќе преземе нешто и ќе ги врати во првобитна состојба“, напиша револтирана скопјанка која ги сподели фотографиите.

Ова е најнов, досега најзлонамерен напад на урбана опрема во Скопје во последните месеци, период во кој јавноста беше вознемирена и од неколку случаи на уништување детски игралишта. Во еден од тие настани, група тинејџери во паркче во Карпош 4 кршеа корпи за отпадоци и турнаа уличен светилник.

Граѓаните очекуваат надлежните служби да го исчистат и обезбедат просторот за безбедна употреба, како и институциите да го расветлат случајот и да спречат слични вандалски напади во иднина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни