НЕТАНЈАХУ ДОНЕСЕ ОДЛУКА: Израел е подготвен за договор со Сирија!

Израел е подготвен да постигне договор со Сирија, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но истакна дека безбедноста на државата нема да биде доведена во прашање.

„По 7 октомври сме решени да ги заштитиме нашите заедници на границите, вклучувајќи ја и северната, и да го спречиме утврдувањето на терористи и непријателски активности против нас“, рече Нетанјаху за време на посетата на израелските војници повредени минатата недела во операција во Сирија, пренесе Times of Israel.

Премиерот истакна дека е подготвен да ги заштити и „сојузниците“ Друзи и да обезбеди Израел да биде заштитен од копнени и други напади од пограничните области. Тој нагласи дека Израел очекува од Сирија да воспостави демилитаризирана зона од Дамаск до зоната под израелска контрола, како и на пристапите кон планината Хермон и нејзиниот врв.

„Во позитивна атмосфера и со разбирање на овие принципи, е можно и постигнување договор со Сиријците, но ние секогаш ќе останеме доследни на нашите принципи“, додаде Нетанјаху.

Неговата порака дојде ден по предупредувањето од американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалните мрежи до Израел да не ја дестабилизира Сирија и новата сириска влада. Трамп порача дека е „многу задоволен“ од сегашното делување на сирискиот претседател Ахмед ал-Шаре.

Според извештаите, минатата недела израелските сили убија 13 лица во операција на југот на Сирија, таргетирајќи исламски групи, а во тој судир беа повредени шест израелски војници.