Свет

Нетанјаху планира целосна окупација на Газа, според израелските медиуми

Нетанјаху планира целосна окупација на Газа, според израелските медиуми

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е наклонет кон проширување на воените операции и целосна окупација на Појасот Газа, објави израелската телевизија Канал 12, повикувајќи се на функционер во кабинетот на премиерот.

Се очекува Нетанјаху во наредните денови да се консултира со својот кабинет и военото раководство за да добие поддршка за својот план, објавија медиумите. Новинскиот портал Ynetnews.com цитираше висок функционер, наводно близок до Нетанјаху, кој изјави: „Коцката е фрлена, ние одиме кон целосна окупација на Појасот Газа“.

Нетанјаху претходно денес објави дека оваа недела ќе издаде „инструкции“ за продолжување на војната во Појасот Газа. Во видео порака објавена вчера, израелскиот премиер рече дека Хамас одбива да се согласи на договорено решение.

Напорите за обезбедување прекин на огнот и ослободување на заложниците преку индиректни преговори меѓу Израел и Хамас траат со месеци без резултати. Израелските сили моментално контролираат околу 75 проценти од Газа.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) постојано се спротивставуваат на целосната окупација на Појасот Газа, предупредувајќи дека уривањето на сите тунели и бункери на Хамас може да трае со години, според весникот „Тајмс оф Израел“. Воените лидери, исто така, предупредија дека офанзивата насочена кон заземање на цела Газа може да ги загрози животите на заложниците, за кои се плашат дека би можеле да бидат убиени штом се приближат израелските трупи.

Според извештаите, Нетанјаху сега е подготвен да го прифати тој ризик. „Ќе има активности во областите каде што се држат заложници“, рече функционерот цитиран од ynetnews.com.

Досега, претежно крајно десничарските министри во владата на Нетанјаху повикуваа на целосна окупација на Појасот Газа.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни