Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан му упати честитка на рускиот патријарх Кирил по повод неговиот 80. роденден, истакнувајќи ги неговата „духовна мудрост“ и „татковска грижа“ во предводењето на Руската православна црква. Честитката ја објави Московската патријаршија, а лично ја пренеле дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј и хераклејскиот епископ Климент.
„Во Вашето одговорно првосветителско служење на чело на Руската православна црква во целост се откриваат Вашата духовна мудрост и татковска грижа“, напишал Стефан.
Во писмото, поглаварот на МПЦ-ОА му оддава признание на Кирил за службата во време на тешки предизвици и му посакува уште многу години на чело на Руската православна црква, за нејзино добро и за доброто на целото православие. Во честитката не се споменува војната во Украина, за која Кирил јавно ја поддржа политиката на рускиот претседател Владимир Путин.
Кирил ги примил македонските архијереи на 21 ноември во Даниловскиот манастир во Москва. Според соопштението на Московската патријаршија, тој го нагласил значењето на нивното присуство како претставници на автокефална црква.
„Првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалност“, им рекол Кирил.
Митрополитот Георгиј, пак, се заблагодарил за поддршката на Московската патријаршија при решавањето на статусот на МПЦ-ОА и за одлуката на Српската православна црква да ѝ додели автокефалност.
Повикувањето на Кирил на „законска автокефалност“ се однесува на томосот што српскиот патријарх Порфириј му го врачи на архиепископот Стефан на 5 јуни 2022 година во Белград. Москва ја призна автокефалноста доделена од СПЦ.
Претходно, на 9 мај 2022 година, Вселенската патријаршија ги прими архиепископот Стефан, свештенството и верниците во евхаристиско единство, со што беше овозможено заедничко богослужење и беше направен клучен чекор за надминување на повеќедеценискиот раскол.
Посетата и честитката доаѓаат во контекст на критиките кон Кирил поради неговата поддршка за руската инвазија врз Украина. Во септември 2022 година, по прогласувањето делумна мобилизација во Русија, тој во проповед рече дека жртвата на војникот кој загинал исполнувајќи ја воената должност „ги измива сите гревови што човекот ги направил“.
Поради поддршката за инвазијата, Велика Британија воведе санкции против Кирил во јуни 2022 година. Истиот месец неговото име беше отстрането од предложениот шести пакет санкции на Европската Унија по противењето на Унгарија.