Невообичаен музеј на мачки во Техеран: Дом на десетици мали пријатели на луѓето

Музејот на мачки во Техеран, главниот град на Иран, им помага на луѓето да научат повеќе за своите мали пријатели, како и децата да се „поврзат“ со овие животни.

Музејот беше отворен пред две години на површина од околу 200 квадратни метри на булеварот Кишаварзи во Техеран. Ѕидовите се украсени со слики од мачки.

Музејот е дом на околу 30 мачки кои пречекуваат гости.

Дел од двокатниот музеј, кој беше отворен со дозвола на иранското Министерство за култура, е резервиран за кафуле каде посетителите можат да уживаат во сликите на мачки.

Овој музеј ја зајакнува врската на луѓето со мачките.

Директорот на музејот Хусеин Хемледари за АА изјави дека целта на ова место е пред се создавање култура.

„Ние живееме со мачки со векови, но не познаваме многу од нив. Развивме таква идеја за подобро да ги запознаеме мачките“, вели Хемледари.

Како што рече, музејот на мачки има и историски аспект.

„Сакавме поблиску да ја прикажеме врската помеѓу луѓето и мачките на сликите. Оваа врска има историски аспект. Општествата кои ги сакаат мачките и животните не се склони кон насилство. Мачките имаат свое место во иранската и светската литература“, објасни Хемледари.

Наведувајќи дека музејот го посетуваат и луѓе кои не сакаат животни и имаат страв од мачки, Хемледари рече дека нивните ставови се менуваат и дека им помагаат да го надминат тој страв.

Тој изјави дека прават напори да шират љубов кон животните.

Тој потсети дека во иранската и светската литература се познати многу дела за мачки и глувци.

„Љубовта кон животните ја зголемува и почитта кон другите членови на општеството. Бројот на пријатели на мачки во Техеран е многу голем. Оние кои ги штитат мачките го поддржаа овој проект. Затоа музејот привлекува големо внимание. Посетителите даваат нови идеи и помагаат за понатамошен развој на ова место. Доаѓаат и млади и деца. Претежно тоа се луѓе помлади од 30 години“, рече Хемледари.

Во Музејот била и Сирин Султани, која видела информации за Музејот на социјалните мрежи и решила да го посети ова место со нејзиниот син.

„Тоа е многу интересно и убаво место. Мојот син сака животни и затоа го донесов овде. Тој сака мачки “, рече Султани.

Музејот го сака и Нахид Мердани.

„Тоа е прекрасно место, ми се допаѓа. Сакам животни, особено мачки. Ја донесовме нашата ќерка да го види ова место и да ги запознае животните“, додаде Мердани.