Нестабилна воздушна маса донесе пороен дожд, грмежи и засилен ветер во повеќе делови од Македонија. Според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), невреме е регистрирано во повеќе региони, а облачноста се движи од север кон југ и југоисток.
Првото невреме било забележано во Кичево, каде во попладневните часови имало пороен дожд и грмежи.
Подоцна нестабилност се развила во планинските предели северозападно од Скопје, како и во Полошкиот регион, Овче Поле и западно од Струга.
УХМР информира дека невреме проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер имало северно од Штип, во Гостивар и Македонски Брод, при што движењето на нестабилноста било од север кон југ.
Во вечерните часови невремето продолжило во Гостивар и северно од Македонски Брод, а потоа се движело кон југоисток.
Од северозапад се приближувала нова нестабилност со пороен дожд и грмежи кон Гевгелија и Кичево. Слаб до умерен дожд бил регистриран и во Скопје, Охрид, Ресен, Македонски Брод и во северозападните делови од земјава.
Според последните информации на УХМР, невреме со пороен дожд и грмежи било присутно во Прилеп, Гевгелија, Крушево и Македонски Брод, а подоцна и во Ресен.
Метеоролозите продолжуваат да ја следат состојбата, бидејќи нестабилното време може да донесе локални поинтензивни врнежи, грмежи и засилен ветер во одделни региони.