Независната листа на кандидати во Општина Центар денеска поднесе приговор до Државната изборна комисија (ДИК), со образложение дека нивното лого не било отпечатено на гласачкото ливче. Според нив, ваквиот пропуст е спротивен на членовите 97 став 1 и 98 став 1 од Изборниот законик.
„Со оваа грешка е направена очигледна дискриминација кон нашите кандидати, кои се ставени во нерамноправна положба во однос на останатите учесници на изборите. Ова претставува повреда на принципот на еднаквост на избирачкото право и може да биде основа за поништување на изборите во Општина Центар,“ се наведува во нивното соопштение.
Од независната листа посочуваат дека кандидатите за градоначалник и советници се обиделе да го поднесат приговорот електронски, но системот на ДИК во тој момент не функционирал. Затоа приговорот бил испратен по електронска пошта и заведeн во архивата на Комисијата.
Како доказ, независните кандидати доставиле и фотографија од електронската комуникација со Општинската изборна комисија, во која – според нив – се гледа дека логото било уредно доставено на 11 септември 2025 година.
На последната прес-конференција, ДИК информираше дека до 15 часот нема пријавено нерегуларности и дека гласањето се одвива мирно на целата територија на државата.