НИКОГАШ НЕ Е ДОЦНА: На 104-годишна возраст научи да чита и пишува

Индијката која живее во Керала, сојузна држава на југот на Индија, научила да чита и пишува на 104 години и го положила основниот државен испит.

Дневната рутина на Кутијама е иста речиси 100 години – готвење, чистење и хранење животни. Сега оваа Индијка секое утро нетрпеливо го чека локалниот весник и поминува два часа читајќи вести, пишува Гардијан.

Почнала да учи да чита во април, кај нејзината соседка, 34-годишна професорка по литература.

“Многу пати жалев што не можев да читам весник и ги молев помладите во куќата да ми читаат. Секогаш сакав да можам да ги напишам моето име и адреса”, рекла оваа Индијка.

Поради сиромаштијата на нејзиното семејство, образованието за женските деца било незамисливо, а Кутијама на 16 години се омажила и имала пет деца.

По неколкумесечна настава, таа одлучила да полага основен државен испит минатиот месец и е најстарата жена што го направила тоа.

Постигнала одличен резултат – писменост 89 отсто и математика 100 отсто, за што била пофалена од министерот за образование.

„Возраста не е пречка за знаење. Со најголема почит и љубов, на Кутијами и на сите други нови студенти им посакувам се најдобро“, напиша тој на Твитер.