Вицепремиерот Александар Николоски истакна дека земјите од Западен Балкан имаат потреба од силна економска соработка, повеќе инвестиции и поголема трговска размена, како клучен фактор за стабилност, демократија и владеење на правото. Ова го посочи во своето обраќање на отворањето на Виенскиот економски форум.
„Никој не веруваше дека во 21 век на европска почва ќе има војна. Наместо да зборуваме за економија, зборуваме за војна. Ова е аларм за сите нас“, рече Николоски.
Вицепремиерот подвлече дека и покрај големите очекувања од пристапот кон Европската Унија, регионот, и Македонија посебно, сè уште се соочува со неизвесност. Тој истакна дека економската соработка меѓу државите е клучна за стабилизација и развој, особено со оглед на високата миграција на младите од регионот.
Во подолгото експозе, Николоски ја потенцираше потребата од отворен и искрен пристап кон проширувањето на ЕУ: „Подобро е на луѓето да им се каже вистината отколку постојано да ги лажеме или да им даваме лажни ветувања. Економската соработка е суштината на приоритетот во регионот.“
Тој посочи и дека Австрија и австриските компании играат значајна улога во економскиот развој на Западен Балкан, додавајќи дека инвестициите, зголемената трговска размена и новите бизниси директно придонесуваат за демократија, просперитет и заедничка соработка меѓу државите во регионот.
Николоски го заврши своето обраќање со повик за плодни дискусии и заедничка работа на економскиот развој на Западен Балкан, оценувајќи дека економијата треба да биде главен фокус за иднината на регионот.