Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска, од протестот на превозниците, ги истакна последиците што би можеле да настапат по воведувањето на новиот електронски систем за професионални возачи и превозници.
– Ова е предупредувачки протест, кој покажува што може да се случи на 10 април, рече Николоски и додаде дека „смислата е да се искористат месеците февруари и март за земјите членки на Шенген зоната да најдат решение“.
Според него, постојат три можни решенија:
Одложување на примената на новиот електронски систем.
Зголемување на бројот на денови кои превозниците можат да ги поминат во Шенген зоната, најмалку на 250 денови, поделено во циклуси од сегашните 180 (90+90).
Професионалните возачи да не се третират како туристи, туку да се признаат нивните професионални функции, со можност за работни визи, како што тоа веќе го прави Швајцарија.
Николоски предупреди дека непроменетата примена на системот може да има сериозни последици за македонската, регионалната и европската економија. Тој посочи дека голем дел од инвестициите во регионот, особено француските, се врзани за производни ланци кои минуваат низ Македонија и соседните земји пред финализација на производите во земјите-членки на Шенген зоната.
– Транзитот на земјоделски и индустриски производи, како и коридорот 10, економскиот крвоток на регионот, би бил сериозно погоден, додаде Николоски.
Тој апелираше до сите надлежни институции да го разгледаат предупредувањето од превозниците и да се најде решение што ќе овозможи непречен проток на стоки и услуги.
