Николоски: По катастрофалниот пораз, Филипче треба да поднесе оставка

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, треба да поднесе оставка по резултатите од локалните избори, на кои партијата, заедно со ДУИ, доживеа катастрофален пораз, оцени потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

– Македонија е обоена во црвено, ВМРО-ДПМНЕ ја има најголемата победа. Во вториот круг очекуваме уште еден успех и продолжуваме со работа, изјави Николоски на партиска прес-конференција.

Тој изрази уверување дека Скопје ќе направи „вистински избор“ и дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе биде идниот градоначалник на главниот град.

– Орце води со резултат 1:3, нагласи Николоски.

Во однос на противкандидатот за град Скопје, Амер Мециновиќ од Левица, Николоски истакна дека Македонија е партнер со САД и НАТО и дека тоа е една од причините за напредокот на државата.

Тој ја потенцираше убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица – бастион на СДСМ – и оцени дека оставката на Филипче би била морален чин по ваквиот изборен резултат.

Николоски додаде дека во вториот круг во општина Карпош граѓаните, како што рече, нема да го поддржат Стевчо Јакимовски, противкандидатот на Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ.

– СДСМ и ДУИ во наредниот период ќе се занимаваат сами со себе, заклучи Николоски.