Николоски: Поништивме одлука на претходната влада и спасивме 250 милиони евра наменети за Коридорот 8

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, обелодени дека Владата успеала да спречи обид за енормно поскапување на проектот за Коридорот 8. Станува збор за сума од 250 милиони евра, која била предвидена со одлука донесена во последните денови од мандатот на техничката влада предводена од Талат Џафери.

Николоски појасни дека станува збор за делницата од Гостивар до Букојчани, каде трошоците биле вештачки зголемени непосредно пред промената на власта.

„Буквално во последната недела на претходната влада, кога веќе беше јасно кој ќе ја формира новата власт, донеле одлука со која вредноста на овој проект се зголемува за 250 милиони евра. Ние таа одлука веднаш по преземањето на ресорот ја поништивме. Тоа се огромни средства на граѓаните кои сакале да ги потрошат без реална основа и оправдување,“ изјави Николоски.

Министерот нагласи дека ваквите примери се доказ зошто планирањето и транспарентноста се клучни. Тој додаде дека сега проектот се одвива со многу поголема динамика, но во рамките на реалните финансиски конструкции.

„Наследивме проект со нула експропријација и нула дислокација на водови, каде само се потпишувале договори на хартија. Денес, активностите на терен се зголемени за 40 проценти во споредба со минатата година. Отвораме фронтови за работа, им овозможуваме услови на изведувачите да работат, но тоа го правиме домаќински. Овие 250 милиони евра што ги спасивме, сега ќе бидат пренасочени во други капитални проекти кои им се потребни на граѓаните,“ потенцираше вицепремиерот.

Николоски заклучи дека со оваа одлука Владата ставила крај на практиката на „неконтролирано одлевање“ на буџетски пари во инфраструктурни проекти и вети дека секој денар потрошен на патиштата ќе биде оправдан со видливи резултати на терен.