Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, објави дека во првите четири месеци од годината е постигнат рекорден степен на реализација на капиталните инвестиции од над 74%.
Според Николоски, ваквиот висок процент е резултат на интензивно планирање и подготвителни активности кои започнале уште минатата година. Тој нагласи дека овие средства се клучни за стопанството бидејќи директно влијаат врз развојот на над 30 стопански сектори.
„Ова не се непродуктивни трошоци за плати и пензии, туку средства за нешто што е видливо и што му треба на народот. Со оглед на брзата динамика, при претстојниот ребаланс на буџетот ќе побараме дополнителни 2,5 милијарди денари (околу 40 милиони евра) за реализација на нови проекти,“ истакна министерот.
Николоски упати и јавен повик до опозицијата да го посети Министерството, каде што на дневна основа е подготвен да ги презентира проектите и транспарентно да ја прикаже раздвиженоста на градежната оператива низ целата држава.
