Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, ја започна својата работна агенда во Брисел со средба во организацијата „Пријатели на Европа“, каде се разговарало за актуелните политички и економски случувања во Европа и регионот на Западен Балкан.
Николоски најави дека во текот на посетата ќе одржи низа политички и економски состаноци со високи претставници на Европската унија, како и со меѓународни финансиски институции. Главна тема на разговорите ќе бидат клучните инфраструктурни проекти во Македонија, со акцент на развојот на Коридорите 8 и 10.
Во својата изјава, вицепремиерот потсети дека во 2022 година бил избран за една од највлијателните личности под 40 години во Европа од „Пријатели на Европа“ — признание кое, како што истакна, ја отворило вратата за континуирана соработка.
„Овие настани се од големо значење за Македонија. Ќе имам можност да разговарам со врвни европски дипломати и претставници на Европската инвестициска банка. ЕИБ веќе финансира дел од третата делница на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија“, изјави Николоски.
Тој најави и средби со премиери, министри и претставници на бизнис-заедницата, нагласувајќи дека земјата мора да биде присутна таму каде што се носат клучните одлуки.
„Во петок следува важна средба со еврокомесарот за транспорт Апостолис Цицикостас, на која ќе го презентираме напредокот на проектите и ќе разговараме за нови иницијативи. Очекувам и разговори со министрите од Грција и Бугарија за спојувањето на двата коридори, како и можности за заедничко финансирање преку Планот за раст или поддршка од големите банки како ЕИБ и ЕБРД“, додаде Николоски.
Вицепремиерот потенцираше дека визијата на Владата е Македонија да стане транспортен центар на Балканот.
„Иако немаме излез на море, ја имаме најстратегиската локација во регионот — токму тука, источно од Скопје, се сечат Коридорите 8 и 10. Тоа мора да стане нашата најголема придобивка за генерациите што доаѓаат“, изјави Николоски.