Македонија

Николовски: Дополнителната субвенција од 3 денари за индустриско јаболко се продолжува

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски им соопшти на производителите на јаболка дека мерката за дополнителна субвенција од 3 денари за предадено индустриско јаболко се продолжува и ќе важи до 30 јуни 2019 година. Ова продолжување на времетраењето на мерката е по барање на производителите на јаболка.

Износот на мерката е дополнителни 3 денари за индустриско јаболко предадено кај регистрирани откупувачи вклучително и за јаболко кое се извезува. Со оваа одлука се очекува да се откупат до 30.000 тона јаболка, што се нови 90 милиони денари за производителите на јаболка.

МЗШВ оваа дополнителна мерка ја воведе минатата година, а во периодот откако стапи на сила до денес се откупени 45 илјади килограми јаболко,што е 2 до 3 пати повеќе од било која година претходно. Тоа се околу 2,5 милиони евра повеќе пари коишто оваа година ќе дојдат кај производителите на јаболка во преспанскиот регион.

МЗШВ претходно ги прифати и другите две барања на производителите на јаболка, односно основната субвенциија за одржување на овошни насади ќе биде исплатена до 25 март, а дополнителната поддршка од 3 денари ќе биде исплатена до 30 јуни.

Во новата Програма  за директни плаќања 2019, согласно препораките на Европската унија дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка е трансформирана во субвебнцијата по површина. И оваа година во новата Програма субвенциите за одржување на насади се зголемени и тоа од 39.000 денари по хектар на 50.000 денари, со тоа овоштарите имаат дополнителни и 15% за подрачја со огранични можности над 700 метри надморска височина, а Ресен влегува во таа категорија, и таа субвенција за развојните категории достигнува 57.500 денари по хектар.

Дополнително преку Програмата за рурален развој за 2019 и преку мерките од ИПАРД програмата, се отвораат можности за инвестиции во преработувачки капацитетите, што е важно за обезбедување на сигурен пласман и решавање на вишоците на земјоделски производи. МЗШВ интензивно работи на барање на нови пазари за македонските земјоделски производи вклучително и за јаболката, и за таа цел во новата Програма за рурален развој, субвенцијата за поддршка за учество на домашни и странски саеми е зголемена од 400.000 евра на 1 милион евра.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни