Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска одржа работна средба со одгледувачите на овци. На средбата одгледувачите на овци и министерот Николовски се договорија сите предлози заеднички да ги анализираат и да се види кој од нив може најбрзо да се реализира.
Сточарите ги презентираа акутелните состојби во овчарството и нивните предлози за развој на оваа сточарска гранка. Дел од предлозите на овчарите беа да се зголемат субвенциите по грло и за оставено женско јагне, државата да интервенира кога откупната цена на јагнето e пониска од производната, Државниот инспекторат за земјоделство да изврши инспекциски контроли како се мерат јагнињата при откупот, да се обезбедат подобри услови за бачилата и друго.
Министерот Николовски им порача на одгледучите на овци, дека сите овие барања ќе бидат детално разгледани и веднаш ќе се направат анализи за да се види кое од овие барања може најбрзо да се реализира со цел да им се овозможи рентабилно производство на одгледувачите на овци.
„Овчарството е наша стратешка гранка и ние како ресорно министерство ќе преземеме се што е потребно за да го стопираме падот на бројот на овци и да ја развиеме оваа сточарска гранка. Предлозите ќе бидат анализирани и ќе видиме кое од предложените барања може најбрзо да се реализира. Веќе работиме на нови мерки за оваа гранка. Така од следната година со Програмата за рурален развој за 2019 година планирано е зголемување на сумата за мерката „Набавка на приплоден добиток“, од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари, субвенциите за предадено овчо млеко од годинешните 4 денари се зголемуваат на 4,5 денари за литар предадено млеко. И следната година во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал вклучително и за одгледувачите на овци. Не велам дека ова е доволно, затоа сме тука за да ги слушнеме и вашите предлози и заеднички да креираме мерки кои што ќе го развијат сточасртвото а вие како сточари ќе имате поголеми приходи“, им порача министерот Николовски на одгледувачите на овци.
