Нинџа: Сето тоа што се случи на 27 април беше координирано, а како што масата се движеше кон Собранието, наредбите беа сѐ подиректни

Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на судењето за 27 април минатата година на кој беа нападнати пратеници во Собранието, кажа дека се било организирано и координирано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и хотелот „Мериот“ од каде ги примиле наредбите. На ТВ Нова се следеше што се случува во Собранието тој ден.

„Во 12.30 часот ми се јави Владимир Атанасовски. Ми рече да бидам во Скопје оти имало сознанија дека СДСМ нешто спрема и да чекам да ми се јави Бошкоски. Добиените информации беа дека СДСМ ќе избира претседател на Собранието. Ми се јави Спиро Ристовски и ми кажа да одам во штабот. Имав контакт и со Сашо Мијалков, кој ме викна и ми кажа ‘дојди во база‘. Базата беа хотелот ‘Мериот‘ и штабот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече во својот исказ Нинџа.

„Стасав на осми. Лево е тоалетот, на крајот е чајната кујна, а има и други простории. Мобилниот го оставив на столче, влегов во салата, а внатре не беше Мијалков, туку имаше други луѓе. Го забележав командно-оперативниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, односно Билјана Бришковска, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Митко Чавков, Миле Јанакиески. Имаше пуштено ТВ-приемник и на ТВ Нова гледаа што се случува во Собрание. Седнав на една маса, а тие збореа на мобилните телефони. Бришковска комуницираше со Трајко Вељаноски и тој ѝ даваше насоки за состојбата внатре. Јанакиески и Ристовски комуницираа со Бетмен, а Кирил Божиновски ги викаше сите општински комитети да дојдат во Скопје по директива на ВМРО-ДПМНЕ. Чавков комуницираше со тогашниот началник на СВР, Ивица Вучевски, и Митко Пешов. По некое време во штабот дојде и Владимир Атанасовски“, откри за првпат пред судот обвинетиот Нинџа.

Извор: ТВ21