Ниту еден сведок не се појави на денешното рочиште за „Пулс“

Рочиштето за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска помина без присуство на сведоци предложени од Основното јавно обвинителство, што отвори дополнителни прашања за текот на постапката.

Основниот кривичен суд Скопје го прифати барањето на Обвинителството за ангажирање вешто лице од областа на психијатријата, кое ќе треба да изврши проценка на сведоците Ана Томева и Лина Крстова. Целта е да се утврди дали тие се во состојба повторно да сведочат или, пак, нивните претходни искази дадени во Обвинителството да бидат прочитани пред Судот.

Во меѓувреме, Обвинителството не успеало да стапи во контакт со сведоците Александра Пепеларовска и Теа Ѓорѓиевска, по што Судот одлучи да им бидат испратени официјални покани за следното рочиште.

Слична е состојбата и со сведокот Дарио Трифунов, кој според информациите се наоѓа на студии во Бугарија, а надлежните не располагаат со неговата точна адреса. Судот прифати и нему да му биде испратена покана.

На денешното рочиште беше прочитан и исказот на поранешниот менаџер на музичката група ДНК, Денис Даутовски, кој во моментов не е достапен за органите на прогонот. Во своето сведочење дадено пред Основното јавно обвинителство Кочани, тој посочил дека за поставувањето на опремата бил задолжен сега починатиот Филип Стевановски.

Даутовски навел и дека покојниот Владимир Блажев Панчо ги обезбедил прскалките, додека нивното поставување го вршел Мартин Буцо, како и самиот Даутовски во одреден период.

Според неговиот исказ, прскалките биле активирани истовремено, со оглед дека далечинскиот управувач имал само едно копче. Тој додал дека при договарање на настапите, употребата на ваква опрема најверојатно била најавувана кај сопствениците на локалот, но не знае дали тоа било официјално пријавено кај надлежните институции.