Македонија оваа година нема позитивно одговорено на ниту едно барање за азил. Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочувајќи дека земјата останува само транзитна рута, а не крајна дестинација.
Министерот презентираше податоци кои укажуваат на континуиран опаѓачки тренд во мигрантските текови низ територијата на државата.
„Ниту едно барање за азил оваа година не е одобрено во Македонија“, дециден е Тошковски.
Тој појасни дека статистиката покажува видливо намалување на бројот на илегални мигранти кои транзитираат низ земјава од година во година, што според МВР е резултат на зајакнатите гранични контроли и регионалната соработка.
