Нов лик на кејот на Вардар кај Маџир Маало – отворени обновените терени

Кејот на реката Вардар во населбата Маџир Маало доби нов, уреден изглед, откако денеска во употреба беа пуштени реконструираните спортски терени.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека заедно со министерот за спорт Борко Ристовски го означиле почетокот на користењето на обновениот простор, кој повторно им се става на располагање на граѓаните како место за рекреација, спорт и дружење.

Според Ѓорѓиевски, уредувањето на кејот на Вардар претставува еден од клучните приоритети на градската власт. Тој посочи дека активностите започнале уште од првите денови по преземањето на функцијата, со темелно чистење и уредување на просторот, со цел реката и нејзиното корито да добијат достоинствен изглед, а околината да се трансформира во современ урбан простор.

Со последната интервенција, овој дел од градот добива нова функционална и модерна димензија, прилагодена за сите генерации. Реконструирани се терените за фудбал и кошарка, поставена е нова урбана опрема, трибини и заштитна ограда.

Градоначалникот нагласи дека вложувањето во спортската инфраструктура е вложување во иднината, особено во младите генерации и нивниот здрав развој.

Воедно, тој упати благодарност до министерот Ристовски за поддршката и партнерскиот пристап, оценувајќи дека ваквата соработка овозможува реализација на проекти од значење за граѓаните.

Од Град Скопје најавуваат дека ова е само почеток на поширок процес на унапредување на јавните простори, со цел обезбедување еднакви услови за активен и здрав живот во сите делови на градот.