Неколку илјади демонстранти излегоа на улиците на Тбилиси денеска на уште еден протест поради контроверзниот закон за „странско влијание“ што владата сака да го спроведе, но е критикуван од САД и Европската унија.
Како што јави агенцијата Франс прес, демонстрантите носеа знамиња на Грузија и на Европската унија, на која Грузија сака да се приклучи, и покрај законот што критичарите на владата го сметаат за сличен на рускиот закон за „странски агенти“, наменет да го задуши опозиција.
Владејачката партија „Грузиски сон“ на почетокот на април најави враќање во процедура на тој контроверзен закон, чија прва верзија беше напуштена по големите протести во март 2023 година. Тогаш граѓаните и критичарите на власта оценија дека новиот закон претставува „убиство на слободата“.
Грузија, поранешна советска република на Кавказ, направи прозападен пресврт пред две децении, ориентација која долго време ја поддржуваше поранешниот претседател Михаил Саакашвили, кој сега е во затвор.
Таа земја со години има амбиција да ги продлабочи односите со Западот, но опозицијата сега ја обвинува владејачката партија дека сака, напротив, повторно да ја приближи поранешната советска република до Русија.