Еден од најголемите индустриски капацитети и столбови на македонското рударство, рудникот за бакар и злато „Бучим ДООЕЛ Радовиш“, има нов сопственик. Според најновото решение на Централниот регистар донесено денеска сопственоста на компанијата официјално се префрла на естонската фирма „БАЛКАН КОППЕР ГРУП ОУ“ (BALKAN COPPER GROUP OÜ).
Како што се наведува во официјалниот документ за промена на основачот, новиот содружник е регистриран со седиште во Талин, Естонија. Станува збор за правен акт со кој се врши целосна измена на актот за основање на радовишката компанија.
Иако оваа промена на прв поглед инсинуира влез на нов стратешки инвеститор, упатените во бизнис секторот брифираат дека зад естонската „Балкан Коппер Груп“ всушност стои досегашниот сопственик на рудникот – швајцарската меѓународна групација „Solway Investment Group“ (преку нивната поврзана компанија „Solway Industries Ltd“).
Ваквите сопственички маневри и интерни преструктурирања во рамките на големите меѓународни холдинзи најчесто се мотивирани од неколку клучни фактори:
- Даночна оптимизација: Естонија е позната во рамките на Европската Унија по својот исклучително поволен и специфичен даночен систем за холдинг компании, кој не ги оданочува задржаните и реинвестираните профити.
- Корпоративно репозиционирање: Префрлањето на директното сопствеништво на компанија регистрирана во земја-членка на ЕУ овозможува полесен пристап до меѓународни финансиски пазари, помали административни бариери и поголема правна заштита на капиталот.
Засега нема најави за оперативни промени на терен. Рударскиот комплекс „Бучим“, заедно со новиот рудник „Боров Дол“, продолжува со редовните ископувања и преработка на руда.