Граѓаните од 1 јануари ќе плаќаат поскапа партиципација за здравствени услуги. Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, најави „симболично“ зголемување на цените, но и сериозна инекција на средства во здравствените установи, како и ригорозни контроли за употребата на антибиотици.
Според новата одлука:
- Услугата за која досега се плаќаше 40 денари, од Нова година ќе чини 60 денари.
Милијарда денари повеќе за болниците
Клековски појасни дека ова е дел од поширока реформа на цените на специјалистичките пакети, кои не биле променети повеќе од една деценија. Фондот драстично ја зголемува цената што им ја плаќа на болниците за извршен преглед:
- Специјалистичкиот преглед од 380 денари се зголемува на 720 денари.
„Нето-ефектот на оваа одлука за здравствените установи ќе биде околу милијарда денари на годишно ниво – 80 отсто во јавниот и 20 отсто во приватниот сектор. Интернистичкиот пакет ќе донесе плус околу 340 милиони денари“, изјави Клековски.
Добра вест: Позитивната листа ќе се шири три пати
За 2026 година, директорот најави амбициозен план за лековите. Позитивната листа на лекови ќе биде проширена дури трипати во текот на годината, со посебен фокус на терапиите за кардиоваскуларни заболувања, кои се најчеста причина за смртност во земјава.
Стоп за „Сумамед“ на своја рака – доаѓа Е-рецепт
ФЗО најавува војна против нерационалното трошење лекови. Се воведуваат построги контроли и казни за матичните лекари кои ќе ги надминат квотите за препишување антибиотици и анксиолитици (лекови за смирување). Клучната алатка ќе биде воведувањето на Е-рецепт, кој треба да го спречи притисокот од пациентите врз докторите.
„За нас најкритична е употребата на ‘сумамед’, кој треба да биде антибиотик за последна линија на одбрана, а минатата година имавме 23 отсто зголемување во неговото издавање. Овој систем ќе ги заштити и докторите од притисоците на граѓаните да добијат лек без оглед дали тој е соодветен“, дециден е Клековски.
