СДСМ: Семејна фирма на Томовски „чисти“ 5,5 милиони евра од буџетот!

Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска ја објави најновата „бомба“, која, како што тврдат, повторно го разобличува криминалниот модел на власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

„Видовме како се пумпаат 9 милиони евра, пари на граѓаните, преку блиски луѓе и посредници. Видовме како се краде народот преку наместени тендери. Но, за старата банда тоа не е доволно – ненаситни се, мора да тераат бизнис лично и од дома, од фамилијата. Денеска објавуваме нов скандал, нова бомба! За тоа кој и како ‘чисти’?“ изјави Александар Саша Димитријевиќ.

СДСМ тврди дека сите траги водат до Ивица Томовски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Службата за општи и заеднички работи при Владата.

„Не чисти СОЗР – чисти семејната фирма на Томовски. А ‘чистењето’ се мери во милиони евра!“ нагласи Димитријевиќ.

Според објавените податоци, фирмата поврзана со Томовски, која го менувала името но не и матичниот број, од државни институции и општини добила:

5.360.000 евра

161 тендер

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, како што посочи опозицијата, фирмата ја зголемила својата деловна активност за дури 306%, а само во 2025 година склучила 10 нови тендери во вредност од речиси половина милион евра.

„Случајно, им тргнало чистењето на буџетот. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно е фамилијарните бизниси да течат,“ додаде Димитријевиќ.

Според најавите, СДСМ во наредните денови ќе продолжи со објавување на нови материјали поврзани со случајот.