Меѓународен тим започна истражувања во водите на јужниот Атлантик кај Уругвај. Првите извештаи покажуваат дека коралите во длабоките води изгледа можат да избегнат таканаречено избелување, а откриени се и нови морски суштества.
Некои морски суштества се само дел од откритијата на тимот од 37 научници кои истражувале континенталната маргина во јужниот Атлантик кај Уругвај.
Тие биле снимено од истражувачкиот тим кој бил дел од мисија предводена од Океанскиот институт Шмит. Истражувачите вклучуваат научници од Бразил, Уругвај, Аргентина, Чиле, Франција и Германија.
Научниците извршиле преку 20 длабоки нуркања со подморници. Тие велат дека многу од гребените се составени од бавно растечки, ладноводни, камени корали наречени „Desmophyllum pertusum“. Морскиот живот бил поголем и побогат отколку што очекувале, а еден од најголемите комплекси на гребени бил пронајден на длабочина од 300 метри.
Целта на тимот била да земе примероци и да утврди здравјето на океанскиот екосистем, вклучително и остатоци од стар воен брод кој сега се трансформира во гребен и живеалиште за флора и фауна.
Главниот научник на мисијата, Алвар Каранса од Универзитетот на Република Уругвај, вели дека коралите во длабоките води изгледа избегнале избелување, кое кај коралите во плитките води се јавува кога тие ги исфрлаат симбиотските зооксантелни алги од своите ткива, што уништува гребените.
„Коралите ширум светот страдаат, но најмногу оние во плитките води, поради избелувањето предизвикано од различни стресови од животната средина. Длабоководните корали немаат таква симбиотска врска со зооксантелните алги, па не избелуваат, бидејќи се наоѓаат во подлабоки води“, оценува Алвар Каранса од Универзитетот на Република Уругвај.
Континенталната маргина има многу различни длабочини, што придонесува за разновидноста и сложеноста на откриените видови.
Покрај мапирање и каталогизација на морскиот живот, научниците сакаат да проценат какво влијание имале човечките активности врз длабоките води – особено присуството на микропластика.
Дополнително, нивната задача е да утврдат дали истражувањата откриле некои нови видови во океанот, што според нив може да трае и десетина години.
За главниот научник на мисијата, посебно задоволство било тоа што активностите во рамки на платформата CEIBEL можеле да ги следат ученици кои имаат пристап до лаптоп и интернет.
Алвар се надева дека ваквиот вид комуникација ќе ги заинтересира новите генерации за океанот и за зачувување на животот во него.