Европската Унија најавува нова регулатива која ќе донесе промени во начинот на онлајн купување, особено кај евтините пратки што секојдневно пристигнуваат од глобалните е-трговски платформи.
Од 1 јули 2026 година, ќе се применува фиксна царина од три евра за сите пратки со вредност под 150 евра. Оваа категорија во моментов опфаќа најголем дел од онлајн нарачките во ЕУ.
Главната цел на мерката е да се намали масовниот увоз на евтини производи преку платформи како Temu и Shein, но експертите предупредуваат дека реалното влијание може да биде поголемо од очекуваното.
Имено, според новиот модел, дополнителниот трошок нема нужно да се пресметува по поединечен пакет, туку може да се применува по категории на производи во една нарачка. Тоа значи дека купувачите би можеле да платат значително повеќе од предвидените три евра, доколку во една кошничка има различни типови производи.
Одлуката доаѓа по наглиот раст на е-трговијата во Европа. Во 2025 година во Европската Унија влегле околу 5,8 милијарди мали пратки, што претставува зголемување од 26% во споредба со претходната година.
Таквиот обем, според европските институции, го оптоварува царинскиот систем и отвора прашања за безбедноста на производите, дел од кои не ги исполнуваат европските стандарди или се оценети како потенцијално ризични.
Со воведувањето на фиксната давачка, Брисел цели да ја намали масовната импулсивна потрошувачка поттикната од агресивните онлајн попусти и маркетинг стратегии.
Воедно, се очекува платформите за е-трговија да ги прилагодат своите деловни модели, додека потрошувачите ќе мора повнимателно да ја пресметуваат реалната цена на „евтините“ онлајн нарачки.
