Македонија

Нови терапии и опрема за повредените во трагедијата во „Пулс“ – државата обезбедува системска грижа

Нови терапии и опрема за повредените во трагедијата во „Пулс“ – државата обезбедува системска грижа

Педесет и осум повредени лица од трагичниот пожар на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани веќе носат компресивна облека и покажуваат видливи подобрувања во третманот на лузните, соопшти д-р Катерина Папиќ-Мирчовска, директорка на Општата болница во Кочани, на денешната прес-конференција во Владата.

Во пожарот животот го загубија 62 лица, над 200 беа повредени, а 10 сѐ уште се лекуваат – по пет пациенти во македонски и странски здравствени установи.

Д-р Папиќ-Мирчовска информира дека компресивната облека ќе треба да се носи две години и ќе се менува според медицински препораки. На дополнителни 14 пациенти веќе им се земени мерки за нова облека.

– Компресивната облека овозможува пациентите да ја продолжат физикалната терапија, да ги извршуваат секојдневните активности и дополнително ги штити од сонце, со вграден фактор 30, рече директорката.

Во болницата се доставени и првите пратки креми и 95 специјални лепенки за третман на изгореници. Динамиката на следните испораки ќе зависи од добавувачите. Потпишани се и договори со ГОБ „8 Септември“, чиј пулмолози ќе вршат прегледи во Кочани. Се изготвуваат списоци на пациенти на кои ќе им бидат закажани контролни прегледи.

Од аспект на иновативни третмани, директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски соопшти дека досега 19 пациенти се третирани со ПРП терапија – метод со плазма збогатена со тромбоцити, која го забрзува заздравувањето на кожата. Од нив, 10 третмани биле изведени во Кочани од тимот на Клиниката „Св. Наум Охридски“, а 9 на Клиниката за пластична хирургија во Скопје. Пациентите што следуваат ќе бидат дополнително телефонски информирани за терминот на терапија.

Посебно внимание се посветува и на учениците-повредени во трагедијата. Тим од Министерството за образование и наука ќе ги посети учениците со цел да најде соодветно решение за следење на наставата.

Владината портпаролка Марија Митева информираше за реконструкцијата на физикалната медицина во Кочанската болница, со вкупна површина од 350 м². Таа посочи дека по долги години се обновува хидрантската мрежа и се поставува нов противпожарен систем – клучен за безбедноста на пациентите и персоналот. Рокот за завршување на градежните активности е во следните три до четири недели.

Овие активности, како што посочи Митева, се дел од системскиот пристап на Владата за подобрување на здравствените услуги и грижа за настраданите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни