Скопје во наредните денови ќе добие засилување во одржувањето на јавната хигиена, откако специјализираните возила наменети за ЈП „Комунална хигиена“ веќе се предадени на Град Скопје.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека возилата ќе започнат да се користат на терен по завршувањето на потребните правни процедури.
Покрај новата механизација, до крајот на неделава се очекува да пристигне и првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, што, според Ѓорѓиевски, претставува најголема ваква набавка досега.
„Чистиот град значи здравје, достоинство и подобар живот за сите. Затоа, секој од нас има одговорност да го чува. Нашата работа нека биде поттик за поголема грижа, а секоја чиста улица обврска таква и да остане“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека Скопје, како што рече, предолго трпело поради неодговорност и неажурност, а најави дека на досегашната запуштеност ќе ѝ се стави крај преку работа и конкретни активности.
„Со силна волја, макотрпна работа и заедничка одговорност, Скопје повторно ќе биде горд град“, порача градоначалникот.