Новинарката Лиридона Вејсели осудена за злоупотреба на лични податоци поради споменување на судија

Основниот суд во Гостивар ја осуди новинарката Лиридона Вејсели на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, откако во своето новинарско известување го спомнала името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.

Вејсели објаснува дека пресудата се однесува на известување за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало. Во тој предмет, судијата Илјази изрекол казна од три месеци ефективен затвор.

„Осудена сум затоа што го спомнав името на судијата во контекст на судска одлука за сериозен кривичен случај. Казната е 700 евра за наводна злоупотреба на лични податоци“, рече Вејсели.

Во писменото образложение на пресудата, судијката Магдалена Мишоска наведува дека на 28 октомври 2024 година Вејсели, без согласност на судијата, ги користела неговите лични податоци – име и презиме – преку објави на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок. Според судот, ова му нанело штета на честа и угледот на судијата, кој дејствува во судството повеќе од 37 години. Судот заклучил дека со ваквите дејствија се исполнети елементите на кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“ од Кривичниот законик.

Од Обвинителството побаравме информации за тоа кој го поднел предлогот за казнен налог и за мотивите за постапката против новинарката, но до објавувањето на текстот одговор нема.

Пресудата предизвика остри реакции во јавноста. Астрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи, оцени дека случајот е сериозен показател за состојбата со слободата на говор и довербата во судството. Тој истакна дека новинарката била целосно заштитена од полицијата во моментите на притисок, но дека денес „судството се претставува како жртва“.

„Довербата во правдата падна на историски минимум од околу три проценти, како директна последица на политичките инсталации и континуираните вмешувања. Истите тие кои денес зборуваат за слобода на медиумите, вчера молчеа, заплашуваа и уценуваа критички гласови“, напиша Исени.

Вејсели, исто така, истакнува дека пресудата е поврзана со објавеното видео во кое се споменува судијата, за што сега е казнета.