Свет

Новинарот што известуваше од Кочани откри дека Би-би-си му го прекинува договорот

Новинарот што известуваше од Кочани откри дека Би-би-си му го прекинува договорот

Долгогодишниот новинар на Би-би-си, Гај де Лони, кој со децении известуваше од Балканот и беше еден од првите странски новинари што известуваа за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти дека британскиот јавен сервис нема да му го продолжи договорот по повеќе од три децении работа.

Во објава на „Линкдин“, Де Лони откри дека по 32 години работа во Би-би-си, од кои 22 како странски дописник со договор што редовно се обновувал, бил известен дека неговиот ангажман завршува на 31 јули, заедно со уште четворица колеги.

„Благодарам на сите што ми испратија пораки за поддршка. Работев за Би-би-си 32 години, а сега ни беше соопштено дека поради кратење на трошоците договорите нема да ни бидат продолжени“, напиша Де Лони.

Тој посочува дека во известувањето не добиле ниту благодарност за долгогодишната работа, ниту извинување, ниту каква било поддршка за ненадејниот прекин на ангажманот.

Како пример за вредноста на работата на странските дописници, новинарот го издвојува своето известување од Кочани, само неколку часа по катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“.

„Со малку повеќе од еден ајфон ги водев главните вечерни телевизиски вести на Би-би-си, интервјуирав шокирани жители и подготвував прилози за телевизија, радио и интернет“, наведува Де Лони.

Тој оценува дека ваквиот начин на известување бил ефикасен и финансиски исплатлив, додавајќи дека со години известувал на ист начин од бројни значајни настани во регионот, меѓу кои протестите во Белград, комеморациите во Сребреница и финалето на Светското првенство во Загреб.

И покрај прекинот на соработката со Би-би-си, Де Лони вели дека нема намера да престане со новинарската работа. Најави дека веќе следната недела ќе известува од Албанија и порача дека останува отворен за нови професионални можности.

Неговата објава доаѓа во период кога Би-би-си спроведува обемна реорганизација и кратење на трошоците. Според британските медиуми, јавниот сервис планира во наредните години да укине меѓу 1.800 и 2.000 работни места, како дел од планот за намалување на трошоците во услови на финансиски притисоци и промени во медиумската индустрија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни