Утре наутро посмртните останки на папата Франциск ќе бидат изложени за поклонение во базиликата „Свети Петар“, каде што ќе останат три дена.
Погребалната церемонија ќе се одржи во сабота во 10 часот по локално време. На настанот се очекува да присуствуваат верници, монарси и светски лидери.
Како што веќе е познато, Франциск по негова волја ќе биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим.
Меѓу 15-иот и 20-иот ден по смртта на папата, кардиналите треба да се соберат во Сикстинската капела за т.н. конклав. Се очекува тоа да се случи меѓу 5 и 10 мај. Постапката за избор на нов папа може да трае до 20 дена, што значи дека новиот поглавар на Римокатоличката црква ќе биде познат до крајот на мај.
Иако е тешко да се издвојат фаворити, еве некои од можните кандидати:
„Свештеникот на улицата“ и „италијанскиот Берголио“ – архиепископот на Болоња, Матео Зупи, е еден од споменуваните. Тој беше посредник при постигнувањето мир по граѓанската војна во Мозамбик, а Франциск го назначи за специјален пратеник во конфликтот меѓу Русија и Украина.
Фаворитот на либералното крило е архиепископот на Марсеј, Жан-Марк Авлин, кој ги дели ставовите на Франциск за имиграцијата и важноста на врските со муслиманскиот свет. Доколку биде избран, ќе биде првиот француски папа по 14. век.
Ако кардиналите се свртат кон конзервативната страна, можно е да го изберат унгарскиот кардинал Петер Ердо. За време на мигрантската криза во 2015 година, тој се противеше на прифаќањето бегалци во црквите.
Некои аналитичари предвидуваат дека следниот папа може да доаѓа од Африка. Еден од најсериозните кандидати е кардиналот од Гана, Питер Терксон, близок советник на Бенедикт XVI за климатски прашања.
Ако пак папството се врати во Рим по три неиталијански папи, можно е водството да го преземе државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин. Како долгогодишен дипломат, Паролин е архитект на приближувањето меѓу Католичката црква и Кина, и се смета за компромисен избор меѓу прогресивците и конзервативците.