Вишото државно обвинителство во Подгорица ја истражува смртта на новороденчето кое почина во саботата навечер во болницата во Никшиќ, поради задушување со храна.
Обдукцијата е завршена, а извештајот за причината на смртта е доставен до семејството на бебето, како и до Вишото државно обвинителство, кое ја побарало обдукцијата, изјави д-р Немања Радојевиќ за Vijesti.me.
Според неофицијални информации, бебето е родено здраво на 22 октомври и било задржано на одделението за неонатологија поради жолтица, состојба која е честа кај новороденчињата и сама по себе не е животно загрозувачка. Во моментот на смртта на одделението биле дежурни лекар и медицинска сестра.
Семејството во писмото испратено до медиумите наведува дека новороденчето, девојчето Х. Ш. од татко Г. Ш. и мајка Т. Ш., било родено без никакви компликации и со највисока оценка. „На 25 октомври околу 18:30 часот бебето било одвоено од мајката поради дијагностицирана жолтица и сместено во посебна соба за 24-часовен престој. Сепак, никогаш не се вратило кај мајката“, велат родителите.
Семејството тврди дека, според прелиминарниот извештај од обдукцијата, смртта настапила околу 21:10 часот и била предизвикана од задушување со храна. „Бебето било оставено само, без присуство на болнички персонал кој би можел да помогне“, додаваат родителите.
Според информации на „Вијести“, покрај внатрешната болничка комисија, со случајот ќе се занимава и комисијата на Министерството за здравство.