Ниту еден од германските инвеститори во земјава не рекол добро за работата на Владата, а дури 46 отсто истакнале дека е лоша, покажува последната анкета за деловната клима спроведена меѓу членовите на Македонско-германското стопанство. Компаниите бараат правна сигурност, безбедност и предвидливост за да ги планираат и реализираат инвестициите, очекуваат поголема вклученост во донесувањето на законските измени, како и натамошна, уште поинтензивна борба со корупцијата и криминалот. Сметаат и дека се избрзало со даночните реформи.
Сепак, најавуваат нови инвестиции и проширување на постојните. Според анкетата што ја презентираше директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, 76 отсто повторно би инвестирале тука, а 61 процент од компаниите сакаат во земјава да се воведе евро. Во однос на економската ситуација, 56 проценти од инвеститорите за 2018-та дале лоша оценка, а за годинава се оптимисти, иако 54 проценти не се надеваат на поголеми промени. Тој воедно додаде дека се наоѓаат во мала земја каде што има многу „рекла казала“ информации, додавајќи дека компанијата Дрексел маер нема да се повлече од државата, како што тоа пред извесно време објавија некои медиуми.
Изјавата на Патрик Мартенс, директор на делегација на германско стопанство низ видео.