Обилни врнежи ја зафаќаат Македонија: Можно зголемување на водостоите!

Врнежи од дожд кои ќе започнат во западните делови, а потоа ќе се прошират низ целата земја, се очекуваат во текот на вечерните и ноќните часови, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Според најновата хидролошка информација, врнежите ќе продолжат и во раните утрински часови, при што ќе ја зафатат целата територија. Иако локално се очекуваат пообилни количини на дожд, надлежните уверуваат дека поголемите реки имаат капацитет да ги примат водите без излевање и без опасност од поплави.

Сепак, ризик постои кај помалите реки и суводолиците, особено доколку врнежите имаат пороен карактер. Во таков случај можно е брзо зголемување на водостоите, како и појава на локални проблеми во урбаните средини.

Дополнително, на планините, особено во западните делови, врнежите ќе бидат во форма на снег, што ќе придонесе за зголемување на снежната покривка и подобрување на хидролошката состојба во наредниот период.

Од УХМР предупредуваат и на повремено засилен јужен ветер, кој може да предизвика високи бранови на Охридското Езеро, каде водостојот веќе е на повисоко ниво.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, особено при движење во близина на суводолиците и помалите водотеци, каде постои можност за нагло надоаѓање на вода.