Обилните врнежи од дожд и денеска предизвикуваат проблеми во повеќе региони низ државата, а најкритична останува состојбата во Источниот и Југозападниот регион – информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во најновиот извештај за состојбата до утринските часови.
Источен регион најпогоден – излевања на неколку реки
Во Кочанско и околината забележан е значителен пораст на водостоите на реките и каналите, при што Кочанска река локално се излеала кај селото Горни Подлог, каде е ангажирана механизација од КЈП „Водовод“.
Зрновска река се излеала пред вливот во Брегалница, а најкритична е состојбата кај село Грдовци, каде Оризарска река предизвикала поплавување на подрумски простории на неколку куќи.
Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, додека МВР има воведено забрана за движење на моторни возила на северниот влез во селото.
Покачени водостоишта се регистрирани и на реките Злетовска и Брегалница, но засега без излевање. Дел од водостоите во горните текови имаат тенденција на опаѓање.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една лента, додека во Пробиштип има отежнато движење на патот Неокази – Петришино поради излевање на реката Киселица.
Охрид со активиран кризен штаб, Кичево со евакуации
Најголеми проблеми во Југозападниот регион се евидентирани во Охрид, каде е активиран кризниот штаб. Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја, а тешка механизација ја пренасочува водата кон езерото. Пумпи се користат за испумпување на вода од подруми, деловни објекти и дворови.
Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај село Ливоишта, каде надојдените води го загрозуваат патот кон Вапила.
Во Кичево водостоите се намалуваат, но состојбата на дел од локациите останува критична. Околу 120 лица од улицата „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во утрешниот ден се најавени увид и процена на штетите.
Поплави и во Пелагонија, штети и на земјоделски површини
Во Битолско состојбата е нормализирана, со исклучок на населбата Стрчин каде има наноси од земја и чакал. Села во Битолско, Ресенско, Крушево и Демир Хисар пријавуваат поплавени дворови, помошни објекти, земјоделски површини и локални патишта, како и оштетена инфраструктура. Општинските служби работат со пумпи и механизација.
Полошки регион со свлечишта и излевање на Вардар
Во Тетовско се регистрирани свлечишта на локалните патишта кон село Ѓермо и месноста Бањиче кои се непроодни, а општината интервенира. Во Мала Речица уривање на потпорен ѕид предизвикало материјална штета, додека во Желино е пријавено излевање на реката Вардар во село Стримница.
Стабилна ситуација во Скопскиот и Североисточниот регион
На територијата на Скопскиот регион засега нема нарушување на редовната состојба. И во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевања и сите патишта се проодни, со стабилно снабдување со електрична енергија.
