Објавен повик за 150 електрични автобуси

Министерството за транспорт објави Јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полнилници, со што се најавува значајна инвестиција во модернизација на јавниот превоз и намалување на аерозагадувањето.

Според планот за набавка, 100 автобуси се предвидени за потребите на Град Скопје, додека останатите 50 ќе бидат распределени во другите општини низ државата. Јавниот повик е објавен на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки, а рокот за доставување на понудите и потребната документација е до 30 март 2026 година.

Согласно утврдените критериуми, најповолниот понудувач ќе има обврска да ги произведе и испорача автобусите во три фази: 30 автобуси во рок од шест месеци, дополнителни 60 во рок од 12 месеци и преостанатите 60 во рок од 18 месеци.

Од Министерството посочуваат дека набавката претставува јасна политичка определба за заштита на животната средина и за унапредување на ефикасноста на јавниот превоз, особено во Скопје, но и во другите општини. Покрај еколошките придобивки, се очекува и долгорочна економска исплатливост преку намалени трошоци за одржување и енергија.

Инвестицијата е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и за зголемување на економичноста на транспортната мрежа. Со воведувањето на електрични автобуси и соодветна инфраструктура за полнење, институциите испраќаат порака за посветеност во борбата против загадувањето и за подобрување на условите за користење на јавниот превоз како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги.