Давањето МКарта на 69 наши граѓани во дијаспората е симболична чест и знак дека не сме ги заборавиле. Тоа е еден вид почит и внимание за тие луѓе кои се истакнати личности во земјите во кои што живеат и работат и порака до нив „ да се вклучат во нашиот развој“, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи за листата на лицата кои добиле МКарта.
Станува збор за научници, лекари, бизнисмени и уметници со македонско потекло што живеат во странство, а се истакнале во својата дејност и ја промовирале Македонија во земјата во која живеат и работат и истовремено имаат желба и интерес да бидат дел од развојот и општествените процеси во Македонија.
Инаку, листата беше објавена уште во 2021 година кога Османи ја промовираше Мкартата и на неа се наши државјани кои живеат и работат во Данска, Германија, Франција, Норвешка, САД, Полска, БиХ…, а повеќето од нив беа објавени и на Фејсбук страницата на Министерството за надворешни работи.
Одлуката да се додели МКарта за заслужните од дијаспората се заснова на Законот за надворешни работи (доделување признанија и благодарници), за што постои и интерен правилник. Одлуката ја донесува министерот, на предлог на шеф на дипломатско-конзуларно претставништво на Северна Македонија во странство или друг државен орган, а во процесот е вклучен и Секторот за дијаспора при МНР.
Доделувањето вакви признанија од Министерството е во согласност и со Акцискиот план на Националната стратегија за соработка со дијаспората 2019-2023. Досега се избрани 69 луѓе, но „детектирањето“ истакнати лица од дијаспората продолжува, а бројот на тие што ќе добијат Мкарта не е ограничен.
Досега, во соработка со Министерството за култура и Министерството за внатрешни работи се договорени две поволности – забрзан влез во државата и бесплатен влез во културни установи (музеи, театри и сл.).
