ОБРАЗОВЕН ЕГЗОДУС: Избришани паралелки, струки и вековни училишта!

На 1 април 2026 година, Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2026/2027 година. Наместо стратегија за развој и унапредување, документот предизвика шок и револт низ државата. Изоставени се клучни паралелки, избришани се цели струки во помалите градови, а од мапата е избришано и училиште со над едновековна традиција.

Битола остана без Земјоделското училиште: Избришана институција од 1908 година

Најголемиот и најнеочекуваниот удар го доживеа Битола – центарот на Пелагонија и најголемата македонска житница. Во новиот конкурс на МОН воопшто не фигурира Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“.

Институцијата каде што повеќе од еден век се образувале генерации и генерации средношколци, основана уште во далечната 1908 година, со еден потпис е целосно укината. Овој потег отвора сериозни прашања за тоа каква е стратегијата на државата за развој на земјоделството доколку ги затвора стручните расадници за кадри во срцето на земјоделскиот регион.

Револт во Кратово и Македонски Брод: „Ова е систематски егзодус!“

Очигледните кратења предизвикаа бурни реакции кај локалните самоуправи и самите училишта, кои јавно реагираа преку социјалните мрежи.

  • Кратово без гимназија: Општина Кратово остро реагираше откако во СОУ „Митко Пенџуклиски“ не е предвиден упис во ниту една паралелка за гимназиско образование, и покрај тоа што општината уредно го планирала и побарала тоа од МОН уште во февруари. Локалната власт се надева дека станува збор за „ненамерен пропуст“ кој итно ќе биде поправен за да не се предизвика правна несигурност кај семејствата.
  • Македонски Брод без туризам: СОУ „Св. Наум Охридски“ од Македонски Брод, во годината кога слави половина век постоење, доби „честитка“ од МОН – остана без упис за секторот угостителство и туризам. Од колективот се огорчени и велат дека ова не е реформа, туку постепено гасење на општината. „Ова е сериозен удар врз Порече… младите немаат перспектива тука. Наместо развој, добиваме празни улици и тивки училници“, стои во нивната емотивна реакција.

Парадоксот во Прилеп: Укинато дрвопреработувањето во историски дрвопреработувачко училиште

Нелогичностите продолжуваат и во Прилеп. Во СОУ „Ѓорче Петров“, кое некогаш го носеше името Техничко-дрвопреработувачко училиште „Трајко Бошкоски-Тарцан“, по 60 години постоење парадоксално е укината токму дрвопреработувачката струка.

Политика на централизација и празнење на периферијата

Критичарите и граѓаните на малите општини алармираат дека ова е само продолжение на погубната политика на централизација започната пред околу една деценија. Со воведувањето на бесплатното средно образование и бесплатниот престој во ученичките домови, голем дел од учениците од помалите места беа стимулирани своето образование да го продолжат во Скопје.

Резултатот од таа политика денес е видлив: драстично намален број на ученици во помалите градови. Наместо санација на овие штети, актуелните одлуки на МОН, потпишани од министерката Весна Јаневска, се оценуваат како финален удар кој ги принудува младите засекогаш да ги напуштат своите родни места. Додека јавноста се занимава со популистички ПР-кампањи за јазични прашања, тивко се гасат образовните центри низ државата.

Од Министерството за образование и наука сè уште немаат официјален став или објаснување за овие прозивки. Јавноста останува во надеж дека станува збор за сериозни пропусти кои институциите имаат интегритет веднаш да ги исправат.