Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум лица и една фирма за тешки злоупотреби во РЕК Битола. На обвинителна клупа ќе седнат директорот на комбинатот, раководители на подружници и сопственик на приватна фирма, кои се теретат дека испумпале околу 1,7 милиони евра државни пари за бескорисен проект.
Истрагата открила дека групата, во текот на 2023 и 2024 година, реализирала однапред договорена шема за јавна набавка која била технички неоправдана, а парите биле исплаќани за работа која никогаш не била завршена.
Местен тендер за бескорисен транспортен систем
Петмина од обвинетите, меѓу кои и директорот на РЕК Битола, се товарат дека распишале тендер за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК Битола.
- Зошто е спорно? Обвинителството тврди дека директорите знаеле оти тој транспортен систем е несоодветен за рудникот во Живојно, бидејќи таму не е предвидена таква технологија и векот на експлоатација е прекраток (14 години).
- Фаворизирање: Тие го навеле Управниот одбор да го измени планот за набавки и ги наместиле условите („предимензионирале“) така што само една фирма можела да го добие тендерот вреден 106.200.000 денари (со ДДВ).
Наплатиле милиони, а опремата лежела расфрлана
Откако тендерот бил доделен, следела втората фаза од измамата. Сопственикот на фирмата и вработените доставиле лажна документација дека монтажата е завршена.
„Донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинита документација“, велат од Обвинителството.
Тројца од директорите во РЕК ги потпишувале лажните извештаи во 2024 година, овозможувајќи незаконита исплата на милионската сума.
„Патот на парите“ води до сеф во Белград
Она што го прави случајот филмски е откритието каде завршиле парите. Преку меѓународна правна помош, обвинителството лоцирало и запленило значителен имот:
- Во Белград: Во банкарски сеф на првообвинетиот (сопственикот на фирмата) пронајдени се 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка.
- Во Македонија: Блокирани се над 500.000 евра на домашни сметки.
- Возила: Замрзнати се 10 нови камиони купени во 2025 година преку српска фирма на обвинетиот.
Притвор поради страв од бегство
Бидејќи првообвинетиот бизнисмен поседува две фирми во Србија и веќе почнал да ги префрла парите таму, Обвинителството оцени дека постои сериозен ризик од бегство. Поради тоа, побарано е продолжување на мерката притвор за него.
Обвинителот предложи судот трајно да го конфискува целиот запленет имот во вредност од околу 1,7 милиони евра.
