Македонија

Обвинителството објаснува зошто за нападот во Охрид прво биле побарани мерки, а потоа притвор

Обвинителството објаснува зошто за нападот во Охрид прво биле побарани мерки, а потоа притвор

Првичната кривична пријава од МВР се однесувала на едно дело, а дополнителните докази собрани во текот на денот довеле до обвинение за три кривични дела и барање за притвор. Ова е објаснувањето на Обвинителството за постапувањето во случајот со нападот врз 26-годишната жена во Охрид, за кој на обвинетиот првично му биле определени мерки на претпазливост, а потоа 30-дневен притвор.

Според објаснувањето од Обвинителството, доказите за „загрозување на сигурноста“, едно од дополнително утврдените дела, ја засилиле проценката дека постои опасност обвинетиот да го повтори насилството.

Оттаму појаснуваат дека, доколку веднаш бил побаран притвор во скратена постапка врз основа на првичната пријава, тој во таа фаза би можел да трае осум дена. По поднесувањето на обвинението, определен е притвор од 30 дена. Обвинителството тврди и дека обвинетиот бил соодветно обезбеден од почетокот на постапката.

Основното јавно обвинителство Охрид на 16 ноември соопшти дека поднело обвинение за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според обвинението, при вршење семејно насилство, обвинетиот ја затворил оштетената против нејзината волја, физички ја нападнал, ја повредил и ја загрозил нејзината сигурност.

Во текот на прибирањето докази, жената била испитана во присуство на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на повредите. Заедно со обвинението, до Основниот суд во Охрид бил доставен и предлогот за притвор.

Нападот, според информациите од МВР, се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. По расправија што започнала во неговиот дом и продолжила во автомобил, 31-годишниот охриѓанец ја нападнал својата 26-годишна партнерка. Нападот продолжил и откако го запрел возилото, при што жената изгубила свест и паднала. Била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во болницата „Свети Еразмо“. Мажот бил лишен од слобода во 5:05 часот.

Првично, судот му определил забрана за приближување на помалку од 50 метри до оштетената, одземање на пасошот и обврска секој втор понеделник да се јавува во судот. Претседателот на Основниот суд Охрид, Бојан Мартиноски, во изјава за „Слободен печат“ појаснил дека Обвинителството во таа фаза побарало мерки на претпазливост, а не притвор.

На 16 ноември обвинетиот повторно бил лишен од слобода. Од СВР Охрид тогаш потврдиле дека постапиле поради нови околности во предистражната постапка, по што следуваа обвинението за три дела и барањето за притвор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни