Македонија

Обвинителството со над 200 докази за случајот „Државна лотарија“: Штетата над девет милиони евра

Обвинителството со над 200 докази за случајот „Државна лотарија“: Штетата над девет милиони евра

Со повеќе од 200 материјални докази, Обвинителството го заокружи делот од постапката во кој се презентираа документи во предметот за наводната злоупотреба во „Државна лотарија“. На листата на обвинети се поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, поранешниот вицепремиер Артан Груби, како и Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди.

Според Обвинителството, со презентираните докази треба да се утврди дека обвинетите ги пречекориле своите службени овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од над девет милиони евра.

Меѓу доказите што беа изведени се владини одлуки, документација поврзана со заедничко вложување, документација за јавни набавки на терминали, како и материјали со кои Обвинителството ја поткрепува надлежноста и улогата што ја имале обвинетите во спорните постапки.

Обвинителот Александар Давчевски посочи дека доказите се однесуваат на својството и надлежностите на обвинетите во периодот за кој се однесува обвинението, начинот на кој биле донесувани одлуките од органите на управување, како и начинот на кој биле набавувани и плаќани апаратите.

„Обвинителството ќе се обиде да докаже дека тие ги пречекориле своите овластувања. Беа изведувани докази по однос на нивното својство во моментот на сторување на делото и докази коишто се однесуваат на кој начин се носени одлуките од страна на органите на управување на друштвото и на кој начин се набавени апаратите и на кој начин се платени“, изјави Давчевски.

Одбраната, пак, има поинаков став за постапувањето на обвинетите. Адвокатот на Бојан Јанев, Јордан Апостолски, оцени дека членовите на Надзорниот одбор постапувале во насока на заштита на државниот интерес.

Според Апостолски, од изведените докази произлегува дека „Државна лотарија“ имала можност самостојно да приредува игри на среќа, а обвинетите при носењето на одлуките постапувале согласно со добиените инструкции и претходни согласности од Владата.

„По изведените докази се засилува нашата теза дека обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно. Од самите докази кои ги видовме денеска произлезе дека обвинетите не само што не ги сториле делата кои им се ставаат на товар туку напротив тие постапувале по инструкции на Владата, со претходна согласност од Владата и само го штителе државниот интерес што била во нивна надлежност како членови на Надзорен одбор“, рече Апостолски.

По завршувањето на материјалните докази, судската постапка продолжува со вербални докази. Следното рочиште е закажано за следната недела, кога треба да бидат сослушани сведоците предложени од Обвинителството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни