Македонија

Обвинителството со нови докази за „27 април“ – „Организатори се екс раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, децидна е Рускоска

Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Никола Бошковски и Владимир Атанасовски, се осомничени за организирање на „крвавиот четврток“, велат државниот обвинител Љубомир Јовески и шефот на Основното јавно обвинителство, Вилма Рускоска. Според Јовески, ваквото сомнение се базира на докази и предистражните постапки.

Обвинителката Вилма Рускоска со став дека Никола Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ повикувал на протести, а за таа цел ја ставиле во функција целата партиска структура. Неговите блиски соработници биле Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, кои биле во постојан контакт со штабовите на партијата низ разни градови во земјата, од каде повикувале за упад во Собранието.

Рускоска изјави дека и за овој случај ќе се бара екстрадиција на Груевски, кој по бегството од Македонија доби азил во Унгарија. Истото ќе го направат и за осомничениот, Никола Бошковски, кој пребега во Грција, а претходно не беше екстрадиран поради тоа што беше помилуван од страна на Претседателот на државата.

Денеска во Кривичниот суд завршни зборови дадоа и четворицата последни обвинети. Пред неколку дена обвинетиот Александар Василевски, а денеска и Влатко Трајковски рече дека токму Трајко Вељаноски им наредил на Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои сега се опфатени со одлуката за амнестија, да ги отворат вратите на законодавниот дом. Обвинителката Рускоска смета дека главниот чин, кој го предизвикал крвавиот настан е токму отворањето на вратите на Собранието.

Инаку, Трајко Вељаноски, синоќа беше приведен на распит од Обвинителството, но брзо замина дома, бидејќи се повикал на пратеничкиот имунитет. Барањето на судот за одземање на имунитетот стигна до Собранието. Комисијата треба во рок од два дена да се изјасни, по што ќе се одлучува на пленарна седница. На Спиро Рустовски и Миле Јанакиески им беше одреден 30-дневен притвор и беа спроведени во Затворот „Шутка“. Ова е нов предмет и нема да биде вклучен во досегашната судска постапка за настаните за 27 април, чија пресуда се очекува судијката Добрила Кацарска да ја објави најдоцна за една недела.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни