Со барање за 45 години затвор, обвинителството пред Специјализираниот суд во Хаг денеска ги изнесе завршните аргументи против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, обвинувајќи го дека имал клучна улога во извршување воени злосторства за време и по конфликтот во Косово во 1998-1999 година.
Тачи, заедно со уште тројца поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се товари за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања. Според обвинителството, тие спроведувале кампања насочена кон политички противници и лица осомничени за соработка со српските безбедносни сили.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници со цел да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судечкиот совет во Хаг. Таа нагласи дека во текот на 1998 и 1999 година биле убиени повеќе од 100 лица, додека стотици други биле малтретирани во околу педесет притворски објекти под контрола на ОВК.
Според обвинителството, целта на четворицата обвинети била воспоставување целосна политичка и воена контрола врз Косово. „Овој случај се однесува на нивната намера да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, истакна Вест, на крајот од речиси тригодишната судска постапка.
Тачи, кој извршуваше функции премиер, министер за надворешни работи и претседател на Косово во периодот од 2008 до 2020 година, ги негира сите обвиненија. Неговите адвокати претходно посочија дека тој немал реална командна одговорност врз ОВК и нејзините единици за време на конфликтот.
Обвинителството, пак, тврди дека раководството на ОВК спроведувало насилна кампања и против политички противници и против припадници на српската и ромската заедница, но наведува дека мнозинството од жртвите биле етнички Албанци.
Специјализираниот суд за Косово беше формиран во 2015 година и функционира во Хаг со меѓународни судии и обвинители, со цел процесирање на наводни воени злосторства извршени од поранешни припадници на ОВК. Дел од косовската јавност го оспорува легитимитетот на судот, сметајќи дека поранешните команданти на ОВК се ослободители, а не сторители на злосторства.
