Од денеска стапува во сила забраната за фрлање ѓубре од 22:00 до 06:00 часот

Од денеска стапува во сила новата забрана за фрлање отпад во Скопје во периодот од 22:00 до 06:00 часот. Градските власти најавија дека инспекторите ќе бидат присутни на терен и по полноќ, со цел да ги санкционираат сите кои ќе ја прекршат мерката.

За граѓаните е предвидена казна од 50 евра, додека за правните лица глобите изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра, со можност да бидат и повисоки, зависно од видот на отпадот.

Во контролите ќе учествуваат сите градски инспектори и комунални редари, кои во следниот период ќе патролираат низ скопските улици. На почетокот ќе се изрекуваат опомени, а потоа и казни за непрописно одлагање на отпад.

Од ЈП „Комунална хигиена“ посочуваат дека мерката е особено насочена кон правните субјекти, кои најчесто го одлагаат отпадот ненавремено и спротивно на правилата.

Град Скопје располага со 40 инспектори, од кои 11 се комунални инспектори и 10 комунални редари. Прекршоците ќе се утврдуваат на лице место, а доколку биде забележан отпад од поголеми размери или од различен тип од вообичаениот домашен, ќе се спроведе дополнителна контрола кај правните субјекти.