Од јануари годинава до вчера, регистрирани се 12 убиства со 13 жртви

Од јануари годинава до вчера, регистрирани се 12 убиства со 13 жртви, што уште еднаш го отвора прашањето – колку е безбедна Македонија?

Статистиката покажува дека од 2014 година, кога биле евидентирани дури 40 убиства, бројката речиси се преполовува, достигнувајќи 20 убиства во 2024 година. Но овој пад не бил линеарен – има години на мирување, но и нагли скокови. Така, во 2020 имало 12 убиства, за само една година подоцна да се зголеми на 15, потоа на 18 во 2022, 23 во 2023, па повторно пад на 20 во 2024 година.

Најмногу убиства се случуваат во урбаните средини, а Скопје води со убедлива разлика, додека второ по црна статистика е Тетово. Во главниот град се концентрира и најголемиот дел од сите кривични дела – иако нивниот вкупен број опаѓа: од 28.489 во 2014, на 18.727 во 2024.

Кога зборуваме за најтешките облици на насилство, сексуалното насилство особено ја темни сликата – врв на пријавени случаи на силување е 2017 година со 55 случаи, додека лани таа бројка изнесува 31. Но тоа не значи дека ризикот е помал или дека жените и девојчињата се побезбедни.

Сепак, можеби најзагрижувачка е статистиката за семејното насилство – феномен кој ретко добива јавност, а е тивок убиец зад затворени врати. Само во 2024 година, регистрирани се 1.087 пријави за семејно насилство, што е речиси 200 повеќе од 2017 година. Уште поалармантно, дури 1.018 од сторителите се мажи, а во првите три месеци од оваа година се забележани два смртни случаи во контекст на семејно насилство.

Бројките зборуваат – насилниот криминал се трансформира, но не исчезнува. Жртвите и понатаму плаќаат највисока цена, додека општеството се соочува со предизвикот како да го спречи следното убиство.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.